АДОРА ИНЖЕНЕРИНГ НАГРАДЕНА ОД ООН КАКО ПРЕДВОДНИК ЗА ОДРЖЛИВ РАЗВОЈ 2019

Градежната компанија Адора инженеринг синоќа од Организацијата на обединетите нации ја доби наградата за компанија предводник во остварување на целите за одржлив развој 2019. Наградата, што прв пат се додели во рамките на проектот „Градење меѓусекторски партнерства за одржлив развој“, на Адора ѝ припадна за лидерската улога во изградбата и долгорочното унапредување на еко домовите и за воведување на зеленото домување во Македонија, за придонесот во изградбата на зелените градови и за креирањето порамноправен свет со еднакви можности за сите. Душко Чифлиганец, заменик генерален директор на Адора доби признание за млад бизнис лидер кој преку своето работење ги промовира целите за одржлив развој и придонесува кон нивно реализирање. Наградите, доделени од страна на организациите Конект, Agora и Network Bulgaria, со поддршка на Европската Унија и УНИЦЕФ, се признанија за бизнис компаниите и поединците за нивната активна улога во овој комплексен процес, во кој треба да се вклучиме сите за создавање на општество со хумани вредности, во кое човекот е во центарот на вниманието.

„Наградата и признанието претставуваат валоризација на 17 годишната филозофија на работење на Адора инженеринг и нејзината насоченост кон одржливиот развој, како членка на Глобалниот Договор на ООН од 2012-та година, преку Фондацијата проф. д-р Ванчо Чифлиганец, низ  несебичното залагање на менаџментот и вработените. За изградба на свет без глад и сиромаштија, за добро здравје и благосостојба и намалување на нееднаквоста, од 2014-та година, имаме поделено 3 илјади топли оброци на бездомниците, социјалните случаи и настраданите во Скопје, во Охрид и Дебрца се поделени прехранбено-хигиенски пакети на 200 ранливи семејства, а во Дедино, Конче, изграден е нов дом на место на целосно опожарениот, за семејството Трајкови. За квалитетно образование, сме доделиле голем број стипендии за талентирани и успешни ученици, студенти, спортисти и вработени во компанијата и сме го санирале дотраениот, небезбеден покрив на улишитето Д-р Златан Сремец во Скопје за 100 деца со посебни потреби. За изградба на одржливи градови и заедници, за чиста енергија и иновации, од 2006-та година го спроведуваме проектот за изградба на енергетски ефикасните домови А класа, без звучно загадување, ја озеленуваме околината на сите наши објекти и ја изградивме најголемата внатрешна градина за зелено домување во Европа со 5,5 тони растенија од природно потекло“. – порача д-р Драгана Чифлиганец, извршен директор на Адора инженеринг.

За приоритетот на создавањето праведно општество со добри услови за сите, на зачувување на животната средина и неопходноста од реформи во образованието како основа за добра економија и за добар живот на граѓаните, на доделувањето на наградите говореа вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев и претставниците на Европската Унија и УНЕСКО во Македонија. Целите за одржлив развој се визија за одржлива иднина на светско ниво, усвоени од ООН во 2015 година од 193 држави, меѓу кои и нашата и тие можат да обликуваат нова ера на компаниите, посветени и отворени за нови предизвици.